Свети Стефан

Житие: Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

arhigakon.Stefan

Роднина на апостолот Павле, Евреин од Евреите што живееја по елинските области. Беше прв од Седумте ѓакони коишто Светите апостоли ги ракоположија и ги поставија на служба на грижа за сиромасите во Ерусалим. Затоа и го нарекоа архиѓакон. Со силата на својата вера вршеше големи чуда меѓу луѓето. Злобните Евреи се препираа со него, но беа секогаш победувани од неговата мудрост и од силата на Светиот Дух Којшто дејствуваше преку него. Тогаш посрамени Евреите, свикнати на измами и клевети, го побунија народот и народните старешини против невиниот. Клеветата против Стефан велеше дека хулел на Бога и на Светиот пророк Мојсеј. Брзо најдоа лажни сведоци коишто тоа и го потврдија. Тогаш Стефан застана пред народот и сите видоа дека лицето негово е како лице на ангел, т.е. озарено од благодатна светлина како што некогаш беше Мојсеј кога говореше со Бога. Стефан ги отвори своите усни и ги пореди многубројните доброчинства и чуда Божји извршени од Бога во минатото над народот израилски, но и многубројните злосторства и противења кон Бога од страна на тој народ. Особено ги изобличи за убиството на Господ Христос, нарекувајќи ги предавници и крвници. И додека тие чкртаа со забите, Стефан погледна и го виде небото отворено и славата Божја. Тоа што го виде тој им го објави на Евреите: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки кај седи од десната страна на Бога“ (Дела 7). Тогаш пакосниците го изведоа надвор од градот и го убија со камења. Меѓу неговите мачители беше и неговиот роднина Савле, подоцна апостол Павле. Во тоа време на некој камен во далечината стоеше Пресвета Богородица со Свети Јован Богослов и го гледаа мачеништвото на првиот маченик за вистината на нејзиниот Син и Бог, молејќи Го Бога за Стефана. Ова се случи една година по слегувањето на Светиот Дух на апостолите. Телото на Св. Стефан тајно го зеде и го погреба на својот имот Гамалиил, кнез еврејски, а потаен христијанин. Така заврши во слава првенецот меѓу христијанските маченици и се пресели во Царството на Господ Исус Христос.

Каменуван зашто проповедал дека во Исус не веруваат само лошите луѓе.

stefan

На третиот ден од празникот Божик светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера. Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон.

Еднаш мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Исус Христос напомнувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници што не можеле на Стефан да му се спротивстават со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони. Разгневениот народ поверувал на лажните обвиненија и на лажните сведоштва. Го изнесле Стефана надвор од градот и го каменувале. Умирајќи тој се молел на Бога за себе си, но и за тие што го убиле. Во претсмртниот час извикал: „Господе, не земај им го ова за грев.“ Народот што го каменувал Стефана му ја соблекол белата облека и му ја дал на едно момче по име Савле да ја чува. Тоа момче, во тоа време жесток противник и прогонувач на христијаните, подоцна со името Павле, станало најголем приврзаник и афирматор на христијанството. Христијаните го зеле телото на Стефана и достојно го погребале во близината на Ерусалим. Култот на св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград. Преданието вели дека пренесувањето на моштите на св. Стефан во Цариград било за време на владеењето на Константин Велики и за време на патријархот Митрофан. Животните што ја влечеле колата во кои биле моштите на св. Стефан на едно место одеднаш застанале и со човечки глас рекле: „Зошто нè тепате? Светецот треба да биде поставен овде!“ Царот веднаш на тоа место подигнал црква посветена на првомаченикот.

И во црковните песни и проповеди св. Стефан се нарекува: прв, врв на мачеништвото, почеток на мачеништвото, прв во маченичката фаланга итн.

Народот го празнува Свети Стефан на 9.I./27.XII, а тоа е третиот ден од празникот Божик. Тогаш се оди на именден кај Стефановци, но сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божик.

Тропар

Свети првомаченик и архиѓакон Стефан

Првомаченику Христов и апостолу, со добар подвиг си се подвизавал и си го изобличил безбоштвото на мачителите. Бидејќи со камења беше убиен од рацете на беззакониците, прими венец од Десницата што е во височините, а на Бога Му се молеше, извикувајќи: Господи, не замај им го ова за грев!

(Именден празнуваат: Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко…)

Geef een reactie

Het e-mailadres wordt niet gepubliceerd.